Грчките железничари го продолжија штрајкот и планираат нови протестни собири поради несреќата во Лариса во која загинаа најмалку 57 лица, од кои повеќето студенти.
Здружението на железници со години предупредуваше за лошата состојба на железницата, но тоа никогаш не беше сфатено сериозно, соопшти главниот грчки железнички синдикат, барајќи средба со новиот министер за транспорт назначен по несреќата со мандат да се осигура дека таква трагедија никогаш повеќе нема да се случи. .
Синдикатот соопшти дека сака јасен распоред за спроведување на безбедносните протоколи на железницата, како и одговори за тоа како се случила несреќата во Лариса, објави Ројтерс.
Операцијата за отстранување на вагоните кои излетаа од шините треба да заврши денеска, соопшти претставник на противпожарната бригада.
За денеска во Атина се планирани уште два протестни собири поради железничката несреќа – едниот околу пладне, а другиот навечер.
Во судир на брз патнички воз, со повеќе од 350 патници, со товарен воз во близина на градот Лариса ноќта меѓу вторникот и средата, загинаа 57 лица.
Тоа е најголемата железничка несреќа во Грција, а претходно најголемата беше во 1968 година кога во несреќа на јужниот дел на Пелопонез загинаа 34 лица.