Засега остануваме на нашиот основен план, вели портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина на редовниот брифинг со новинарите, во однос на тоа дали остануваат на првичниот план за отворање на копнените граници на 1 јули.
-Ги следиме одблиску епидемиолошките карактеристики во сите земји што се однесуваат на нас. За среќа гледаме поклопување на епидемиолошките податоци во многу од земјите од Европската унија и од соседните земји. Но, постојат некои во кои има пораст. Постојат и трети земји, вон Европската унија и вон Шенген. Според тоа ја следиме ова разврска. Во консултација сме властите од Европската унија и сите соопштенија што ќе биде потребно да се направат, ќе ги имаме во следните денови. Засега остануваме на нашиот основен план, рече Пецас во однос на границите, но и во однос на тоа дали грчката Влада е загрижена за зголемениот број случаи на Ковид-19 во соседните земји.
Одговарајќи на новинарските прашања во однос на информациите дека Европа размислува наместо на 1 јули да ги отвори подоцна границите за одредени земји, портпаролот на грчката Влада објасни дека планот на Атина е познат и јавно соопштен, но и дека е „план што континуирано се ажурира и во соработка со европските власти“.
-Останатите теми поврзани со копнениот или воздушниот транспорт, секојдневно се разгледуваат и доколку е потребно ажурирање на нашиот план, ќе го добиете навремено, додаде Пецас.
Објасни дека работат на обезбедување најдобра можна заштита на туристите, но и на локалното население и вработените во туристичкиот сектор, бидејќи за владата најважни се безбедноста и здравјето на сите.
-Се наоѓаме една седмица пред вториот и поважен чекор за отворање на нашата земја во туризмот. Продолжуваме со подготовките за да обезбедиме најголема можна заштита на здравјето на вработените во секторот, на жителите на туристичките дестинации и секако на нашите посетители. Пораката што ја испраќаме е јасна. Нашата прва грижа е безбедноста и здравјето на сите. Појави на опуштање не треба да има, особено во трансферот и во угостителските објекти, рече Пецас.
Паралелно, додаде дека ги проучуваат и резултатите од досега спроведените тестови на влезните точки во Грција и ги следат епидемиолошките податоци во земјите на потекло на туристите.