Од утре во Грција се забранува движење на населението освен неопходното, најави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
Исклучоци ќе има и тоа за: одење на работа, во маркет и аптека, посета на лекари или лица на кои им треба грижа, индивидуално спортување, прошетка на домашни миленици.
За секој што ќе ги прекрши забраните ќе следува казна од 150 евра.
Во борбата со справувањето на кризата и непочитувањето на мерките, грчката полиција денеска уапси митрополит од островот Китира. Тој и покрај забраните, држел литургија во една од црквите.
Според локалните медиуми, во петокот, чукале камбаните во црквата, веројатно како повик до верниците за литургија.
Вчера, митрополитот бил приведен во локалната полициска станица, а според истите информации, тврдел дека до него не стигнал циркуларот испратен од грчката Архиепископија.
За целиот случај, и обвинителството покрена предмет.
Инаку, во изминатите 24 часа во Грција потврдени се 94 нови случаи на коронавирусот, а уште две лица починале, со што вкупниот број на заразени е 624, а бројот на жртви достигна 15 лица.
Од заразените, хоспитализирани се 124 лица, од кои 34 се приклучени на апарати, а пуштени од болница се 19 лица. Поголемиот број од хоспитализираните граѓани имаат претходни сериозни здравствени проблеми, а нивната просечна возраст е 64 години.