Грција им се придружи на неколку други европски земји во воведувањето на повеќе ограничувања за невакцинираните против ковид-19 по порастот на инфекциите во последните недели.
Од понеделник, на невакцинираните лица ќе им биде забрането да влегуваат во затворени простори, вклучувајќи ресторани, кина, музеи и спортски сали, дури и ако тестот е негативен, изјави премиерот Киријакос Мицотакис.
Тој, во телевизиското обраќање до нацијата, ги повика Грците „да се вакцинираат, да се вакцинираат, да се вакцинираат“. Грција досега целосно вакцинираше околу 62 насто од своето население од околу 11 милиони. Властите се надеваа на стапка од околу 70 насто до есен.
„Ова е навистина пандемија на невакцинираните. Грција жали за непотребните загуби, бидејќи едноставно ги нема стапките на вакцинација како другите европски земји“, рече Мицотакис. Австрија, Германија, Словачка и Чешка, го ограничија јавниот живот за невакцинираните оваа недела, бидејќи инфекциите се зголемуваат низ Европа. Според новите правила во Грција, сертификатите за вакцинација на оние над 60 години ќе важат седум месеци по издавањето, во обид да се охрабрат да добијат трета, „засилена“ вакцина. На верниците кои одат во црква ќе им биде дозволено да влезат со негативен тест, рече Мицотакис.
Бројот на нови дневни инфекции достигна рекордно високо ниво во Грција овој месец, вршејќи притисок врз здравствениот систем кој веќе се бори и ја принуди владата да им нареди на лекарите од приватниот сектор во пет региони во северна Грција да им помогнат на јавните болници.
Грција објави 7.317 нови инфекции и 63 смртни случаи во четвртокот. Со ова вкупните инфекции од почетокот на пандемијата се 861.117, а вкупниот број на смртни случаи 17.075.