Грција во петокот објави дека ја завршила изградбата на уште 40 километри ограда на границата со Турција и дека со работа е започнат нов систем за надзор, поради загриженоста дека падот на Авганистан во рацете на талибанците ќе предизвика нов мигрантски бран кон Европа.
Ситуацијата во Авганистан ги поттикна стравувањата во Европа од повторување на мигрантската криза од 2015 година кога речиси милион луѓе избегаа од Блискиот Исток кон Европа, патувајќи преку Турција и Грција.
„Авганистанската криза создава можност за мигрантски бран. Не можеме пасивно да чекаме потенцијален удар“, рече грчкиот министер за цивилна заштита Михалис Хрисохоидис по посетата на северниот пограничен регион Еврос со министерот за одбрана и военото раководство.
„Нашите граници ќе останат безбедни и непробојни“, нагласи тој.
Хрисохоидис рече дека новото проширување на оградата, на постојните 12,5 километри, е изградено во изминативе недели, кога е воспоставен и високотехнолошки, автоматски систем за надзор.