Грција се уште нема побарано екстрадиција за Гани Марку Туша, осомничениот за убиството на водачот на криминалната група „Дуќанџик“, Орхан Бајрами – Оки иако кога беше обелоденето дека тој е осомничен, грчките медиуми јавија дека истражните органи преземаат дејствија за екстрадиција на Марку во Грција.
Од македонското министерство за правда за „Фокус“ велат дека екстрадиција не е побарана.
Тој уште е во притвор во Шутка, којшто првично му беше одреден за поврзаност со двојното убиство во „Шиша бар“ што се случи во март минатата година кога беа убиени Јетон Кривањева – Жила и Енес Исеинов-Љаци, припадници на истата група и блиски соработници на Оки.
На 2 февруари судија на претходна постапка му го укинал притворот на Марку по барање на обвинителствот, но како што објаснија оттаму поради истек на шест месеци, но веднаш му е определен нов притвор за друго кривично дело.
Од Кривичниот суд за „Фокус“ потврдуваат дека на Марку му е определен притвор поради поднесено обвинение против него за тешка телесна повреда.
-Притворот на конкретното лице е продлжен заради поднесен обвинителен акт кој е во оцена заради основано сомнение за кривично дело „Тешка Телесна повреда од чл. 131 ст.3“. Со оглед да се работи за акт во оцена за повеќе детали можете да се обратите до надлежниот Јавен обвинител, велат од Кривичниот суд.
Грчките медиуми минатиот месец објавија дека тамошните истражни органи идентификуваа еден од убијците на Оки и дека станува збор за лице на возраст од триесет и три години со иницијали Г.М.
-Мотивот за кривичното дело е поврзан со ривалството меѓу две криминални групи кои главно се активни во трговија со дрога, се вели во дел од соопштението коешто го пренесуваа грчките медиуми за убиството што се случи летово во јули.
Полицијата го идентификувала сторителот бидејќи само на околу 300 метри од местото каде што бил егзекутиран бил пројаден пиштол „застава“ со 5 куршуми, пар ракавици и качулка што убиецот ја носел за да не биде идентификувани.
Од лабораториската анализа на овие предмети со методот на ДНК, грчките истражители дошле до заклучок дека Г.Т. е убиецот.
Неделникот „Фокус“ во серија текстови пишуваше за крвавата пресметка на криминалните групи, но и за Гани Марку кој е осомничен за убиството на Оки.
Како што објави „Фокус“, Гани Марку го сменил презимето, односно претходно се презивал Туша. Се барал со меѓународна потерница и е повратник од боиштата во Сирија, поточно припадник на групата Ал Нусра.
Од официјалните и неофицијалните информации може да се заклучи дека осомничени за убиството во „Шиша бар“ се припадници на групата „Барон“,новоформирана група блиска до ривалската група на „Дуќанџик“, „Беланоца“.
Во голема акција на полицијата пак минатата недела беа уапсени членови на групата „Грчец“ предводена од Шеваљ Муареми. Дел од нив се уапсени, но не и Муареми кој, според неофицијални информации, е во Дубаи.
Ф.Ф.С.