Грција мора да ги подготви своите вооружени сили за можна „нестабилност“ по завршувањето на последниот мандат на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, изјави вечерва грчкиот министер за одбрана Никос Дендиас.
-Што ќе се случи со Турција кога Ердоган ќе замине? Ние не знаеме. Турција не е статична земја – изјави Дендиас во интервју за грчкиот весник „Катимерини“, додавајќи дека секогаш има нестабилност кога ќе замине моќен лидер со долг мандат.
Според него, Грција е опкружена со „многу извори на нестабилност кои бараат модерни вооружени сили“.
По долгогодишни тензии околу имиграцијата, енергетските права и суверенитетот над Егејското Море, Грција и Турција ги продолжија разговорите на високо ниво минатиот месец за време на посетата на Ердоган на Атина, негова прва од 2017 година.
Грција има голем буџет за одбрана и нарача борбени авиони Ф-35 од американско производство од повеќе милијарди евра, француски авиони Рафал и фрегати Белхара.