Мислам дека повеќето од нас сметаат дека на есен ќе биде потребна една повторна доза, истакна професорката епидемиолог Вана Пепаевангелу на редовната прес конференција во Министерството за здравство на Грција, во однос на тоа дали за општото население ќе биде потребна и четврта доза, јави дописничката на МИА од Атина.
Професорката, која е и член на Комисијата за вакцинација, објасни дека за конкретното прашање веќе е започната дискусија и се во фаза на проучување на епидемиолошките и клиничките податоци, а во исто време внимателно ги следат и одлуките на другите европски земји.
Во однос на пандемијата во земјата, според Папаевангелу, зголемениот број нови случаи на Ковид-19 во изминатиот период во земјата се должи на доминацијата на варијантата Омикрон 2, но објасни дека според математичките модели, конкретниот бран ќе кулминира во следните денови и ќе трае пократко од претходните.
Бројот на активни случаи на Ковид-19 во Грција е околу 176.000 и бележи зголемување во споредба со пред две седмици, а во просек дневно има по 21.000 новозаразени и процентот на позитивни случаи од направени тестови просечно е околу 8,2 отсто.
Папаевангелу истакна дека потребно и вакцинираните да бидат внимателни, со оглед на големата раширеност на вирусот, а токму раширеноста била и причината Комисијата на епидемиолози на состанокот во средата да препорача да нема никакво олабавување на мерките до крајот на април.
– Во никој случај не треба да се испрати погрешна порака до општеството. Пандемијата е тука, вирусот циркулира меѓу нас и иако научивме да коегзистираме со него, научивме да правиме што сакаме, да продолжиме со нашите активности во значителна мера, но сè уште не е време да се заборави Ковид, порача Папаевангелу.
Од почетокот на пандемијата во Грција се потврдени 3.030.429 случаи на Ковид-19 и починаа вкупно 27.510 лица.