Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис информираше за намалувањето на рестрикциите и за етапите во кои тоа ќе се одвива, со цел превенција од корона вирусот.
Од четврти мај се укинува досега задолжителното испраќање на СМС порака, со која граѓаните известуваа за своето движење и потребата да излезат од дома. Сепак, движењето од еден регион во друг, останува забрането. Задолжително е носењето на маски и држење на дистанца од два метри. За оние кои не ги почитуваат мерките следи глоба од 150 евра, и во сите маркети и јавни објекти строго е забранет влез без маска.
Од 18-ти мај ќе биде укината забраната за движење од еден во друг регион. Истиот ден е предвидено и отворање на хотелите кои работат во тек на цела година. Сезонските хотели е планирано да започнат со работа на први јули. Шопинг центрите, кафетериите и рестораните ќе започнат со работа на први јуни, дозволени ќе бидат маси само надвор во угостителските објекти, ќе следуваат строги мерки за социјална дистанца во локалите.
На почеток на јуни ќе се отворат театрите, кината и фитнес клубовите, организирани спортови ќе бидат дозволени на отворено, но организираните плажи ќе останат затворени – одлучила грчката Влада.
-Се додека науката не ја пронајде вистинската вакцина и ефикасниот лек, вирусот ќе живее помеѓу нас. Некои луѓе ќе се инфицираат. Од нас зависи дали тој број ќе биде колку што може помал, за да можеме да им ја пружиме потребната здравствена нега – порача Мицотакис.
Во Грција, која е редовна летна дестинација на Македонците, регистрирани се 2.566 случаи на корона вирус, а 138 лица починаа. Од нив 102 се мажи и 36 жени. Просечната возраст на починатите е 74 години, а 90 проценти од нив имале хронични заболувања и биле на возраст над 70 години.
Вики Клинчарова