Грција подготвува рестрикции на струја

by fokus

Грчката влада подготвува план за вонредни ситуации за заштеда на струја и друга енергија во случај на целосен и продолжен прекин на снабдувањето со руски гас, објави атинскиот весник „Та неа“.

Вонредните прекини на струја во работните денови ќе ги опфатат „енергетски интензивните индустрии“ кои не произведуваат основни видови стоки.

Изворите велат дека таквата можност може да биде отфрлена во блиска иднина бидејќи е најдено решение за плаќање гасот на руски Газпром, но неизвесноста и обемот на војната во Украина, како и реакцијата на Москва на непредвидливите санкции на ЕУ, бараат низа интервенции кои во Грција ќе доведат ограничување на потрошувачката на електрична енергија како и превозот.

Така, како што пишува весникот, во „екстремното сценарио“ предвидено е целосен прекин на снабдувањето со руски гас, среде туристичката сезона, врз основа на планот на менаџерите за електрична енергија и Министерството за животна средина и енергетика. Доколку е потребно ќе се активира планот за наизменична „ротација на прекини на струја“ во Грција, во интервали во текот на работните денови.

Целта не е да се прекине електричната енергија за домаќинствата, претпријатијата кои се на нисконапонската мрежа или хотелите и критичната јавна инфраструктура, како што се болниците.

Така „енергетско-интензивната“ и тешката индустрија и компаниите кои се снабдуваат со струја од среднонапонската мрежа, а не произведуваат основни потреби како храна, наизменично ќе имаат прекини во снабдувањето со електрична енергија.

Струјата што ќе се заштеди на овој начин ќе се дистрибуира до домаќинствата и фирмите на нисконапонската мрежа со цел нивното снабдување со електрична енергија да биде соодветно и непречено.

Грчката влада размислува и за враќање на работа од дома, за да заштеди енергија во компаниите, како и препораки за намалување на употребата на автомобилите како патен транспорт.

Грчката влада исто така презема мерки кои вклучуваат превентивно штедење на електрична енергија, поради што ќе го следи италијанскиот модел за ограничување на употребата на клима уреди и осветлување, како и електрични уреди во јавните згради. Наскоро се очекува да бидат издадени упатства за ова.

Така, се препорачува клима уредите да се постават на 26 до 27 Целзиусови степени во лето, а во зима собите да се грејат на 19 до 20 степени.

Меѓу другото, светилките ќе се заменат со модерни енергетски ефикасни, додека по завршувањето на секоја работа задолжително ќе биде исклучување на светилките, онаму каде што нема потреба.

Покрај овие мерки, грчката влада веќе презеде мерки за обезбедување доволно енергија и безбедност на снабдувањето.

Одлучено е да се изнајми брод-танкер на 12 месеци за складирање на течен природен гас, кој ќе биде трајно закотвен на постојниот островски LNG терминал недалеку од Атина. Ова ќе го зголеми капацитетот за складирање на течен природен гас.

Истовремено е интензивирана работата на грчките рудници за лигнит за потребите на подолготрајно работење на електраните кои го користат тој јаглен, пишува „Та неа“.

Поврзани новости