Грција ќе продолжи да прима посетители од САД до крајот на туристичката сезона, рече министерот за туризам на Грција Василис Кикиљас, објаснувајќи дека станува збор за „важен пазар, што создава дополнителна вредност за економијата на земјата“, јави дописничката на МИА од Атина.
Кикиљас додаде дека како туристите од САД, така и Грците кои живеат таму „покажаа и продолжуваат да ја покажуваат нивната љубов кон Грција и довербата во грчкиот туристички производ“.
Минатата седмица, ЕУ ги отстрани САД, Северна Македонија, Израел, Косово, Либан и Црна Гора од листата безбедни земји, а засега Грција нема најавено дополнителни рестрикции за посетителите од конкретни држави.
Последната министерска одлука на грчката Влада со предусловите за влез во Грција беше објавена во петокот, без никакви промени за патување кај јужниот сосед и во однос на туристите од Северна Македонија, а во сила е до 10 септември.