Од сабота наутро Грција влегува во целосен, втор карантин во траење од три седмици, а отворени ќе останат, забавиштата и основните училишта, додека пак движењето на граѓаните ќе биде дозволено само за конкретни причини и само со претходно испратена смс порака, јави дописничката на МИА од Атина.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис заедно со шефот на Комисијата на епидемиолози во Министерството за здравство на Грција, професорот Сотирис Циодрас, на прес конференција, денеска ги соопштија новите мерки, но и ја презентираа актуелната епидемиолошка слика во земјата.
-Како што знаете донесовме одлука од сабота во 6 часот наутро, одново да влеземе во откажување на активностите за целата земја, кое ќе трае три седмици до 30 ноември. Нешто што ќе наликува, но нема целосно да биде исто со она што се случи во март и април. Одново ги активираме смс пораките за некој да излезе од дома, истакна Мицотакис и објасни дека една од големите разлики од првиот карантин ќе биде задолжителната употреба на маска за сите движења на граѓаните.
Отворени, освен забавиштата и основните училиштата, ќе бидат и супермаркетите, аптеките, болниците, бензинските станици, а сѐ останато е затворено, средните училишта, универзитетите, продавниците, фитнес центрите, кафулињата и рестораните итн.
Новиот локдаун доаѓа по драстичното зголемување на бројот на нови случаи на дневно ниво, како и на бројот на пациенти приклучени на апарати и зголемениот притисок врз здравствениот систем.
Професорот епидемиолог Сотирис Циодрас рече дека „брзината со која се шири вирусот, математички води до притисок врз здравствениот систем“.
-Никогаш досега во современата историја не сме имале толку хоспитализирани со вирус што предизвикува пневмонија. Ниту ние, ниту остатокот од Европа, истакна Циодрас и додаде дека минатата ноќ бројот на пациенти низ цела Грција достигна до 1.600.
И професорот и грчкиот премиер потенцираа дека поголем е бројот на оние кои се примаат од оние кои се отпуштаат од болниците.
Мицотакис објасни дека во изминатите пет дена има драстично зголемување на новите случаи во Грција.
-Индикативно споменувам дека имавме речиси 10.000 случаи за пет дена, кога од почетокот на пандемијата имавме нешто помалку од 50.000 случаи. Видовме значително зголемување на хоспитализираните, значително зголемување на пациентите приклучени на апарати, значително зголемување на бројот на кревети на интензивна нега што моравме да ги искористиме, лош сооднос на приеми и отпуштања во нашите болници, објасни грчкиот премиер.
Мицотакис истакна дека мерките ги презема порано потенцирајќи дека овој бран треба да се запре.
-Не можам да ја преземам одговорноста да ги ставам во опасност животите на нашите сограѓани. Ова е првата одговорност што ја презедов. Затоа, следејќи ги препораките на Комисијата, оценувам дека овие мерки мора да се преземат сега, за три седмици. Сигурен сум дека ако се спроведат, ќе можеме да го запреме вториот бран, за да си дозволиме релативно понормален декември и нешто што ќе наликува на празниците од претходните години, очигледно повторно со зголемени ограничувања. Но, потребата пазарот да работи во декември е една од причините што решивме сега да ги преземеме овие мерки, објасни грчкиот премиер.
Паралелно, најави и економски мерки за финансиска поддршка, истакнувајќи дека земјата располага со над 37 милијарди евра.
Вработените кои ќе бидат на принуден одмор, ќе добијат месечна помош од 800 наместо 534 евра, надоместите за невработеност што истекуваат од септември до декември ќе се продолжат за два месеци, а ќе се додели и финансиска помош од 400 евра за сите долгорочно невработени.
Министерот за финансии на Грција Христос Стајкурас, на прес конференција ќе го презентира целокупниот пакет мерки за економска поддршка, додека пак заменик-министерот за цивилна заштита заедно со заменик-министерот за здравство и генералниот секретар за трговија и заштита на потрошувачи ќе го презентираат начинот на имплементација на мерките.
Ова е втор локдаун за Грција, со оглед на тоа дека во периодот од 23 март до 4 мај годинава беше воведен целосен карантин. МИА