Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис денеска на состанок со неговиот кабинет предупреди дека Грција ја чека опасно лето поради шумските пожари, продолжената суша и невообичаено силните ветрови кои придонесуваат за ширење на пожарот.
– Имавме исклучително тежок јуни во однос на временските услови, со голема суша и невообичаено силен ветер за овој период од годината. Сакам да им се заблагодарам на сите кои направија одлична работа во последните неколку дена, но и повторно да го свртам вниманието на сите нас кон летото, кое се предвидува да биде особено опасно – изјави Мицотакис.
Шумските пожари се вообичаени во Грција, а топлото, суво и ветровито време кое научниците го припишуваат на ефектите од климатските промени ја зголеми нивната фреквенција и интензитет.
Само викендов десетици пожари избувнаа низ Грција, вклучително и два во близина на главниот град Атина.
Мицотакис рече дека во двата пожари изгореле околу 100.000 квадратни метри земјиште и оти штетата е ограничена поради брзата реакција на државната служба за вонредни состојби.
Оваа година, како дел од подготовките за гаснење пожари, Грција ангажираше повеќе припадници на противпожарната служба и ги интензивираше процесите на професионална обука.
– Сите заинтересирани ќе можат да ги поднесат своите кандидатури и да ги поминат задолжителните тестови и надвор од распоредот на редовните конкурси за прием на кандидати во противпожарната служба – рече грчкиот премиер.