Грција и Турција денеска се договорија за темелно обновување на односите, воспоставувајќи план кој треба да отвори нова ера во односите меѓу двата сојузници на НАТО, но и историските ривали.
Во историската посета на турскиот претседател Таип Ердоган на Грција, долгогодишните противници се согласија да се фокусираат на развивање добрососедски односи, да ги одржуваат отворени комуникациските канали, да ја зајакнат трговската размена и да работат заедно на решавање на проблемите што ги делат, особено во Егејското Море.
„Нема прашања што не можат да се решат, сè додека ја имаме на ум пошироката слика и не завршуваме како оние што го преминуваат морето и се дават во реката“, рече Ердоган по средбата со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во Атина.
Средбата траеше подолго од планираното. Двете земји сакаат да ја зголемат трговската размена на десет милијарди долари, а Ердоган верува дека би можеле да имаат корист од средбите на високо ниво што се одржуваат секоја година.
„Историјата и географијата утврдија дека сме соседни земји. Чувствувам историска одговорност да ја искористам оваа можност и да стојам еден до друг, исто како и нашите граници“, рече Мицотакис.
Грција и Турција со децении се расправаат за границите на нивните енергетски богати континентални полици, контролата на Егејското Море и етнички поделениот Кипар.
Во 1990-тите беа на работ на војна, а во последните години се расправаа за изворите на енергија во источниот Медитеран, одбраната, миграцијата и набавката на борбени авиони.
Ердоган посочи дека двете земји треба да се фокусираат на позитивни, а помалку на негативни работи.
„Би било многу подобро ако во иднина гледаме на работите како чашата да е полуполна, а не полупразна“, рече тој на средбата со грчката претседателка Катерина Сакеларопулу.
Грција доби дозвола од Европската унија повторно да воведе седумдневни туристички визи за турските гости кои посетуваат десет острови во близина на брегот на Турција.
Турција веќе дваесет години се обидува да стане членка на Унијата.