518
Со големо мнозинство грчкиот Парламент вчера го изгласа членот од законот од Министерството за труд и социјални работи на Грција што се однесува на новата владина мерка – додаток од 2.000 евра за секое новороденче од 1 јануари 2020, јави дописничката на МИА од Атина.
Предвидено е додатокот да се исплаќа на две рати по 1.000 евра, а потребно е да се исполнат одредени критериуми, меѓу кои и годишниот приход на семејството да не биде над 40.000 евра, мајката да е со легален и постојан престој во Грција, а доколку е од трета земја, потребно е најмалку 12 години да живее во Грција пред поднесувањето на барањето за додатокот.
Додатокот за новороденчињата не припаѓа во категоријата приходи и е ослободен од секаков дополнителен данок.