Грчката полиција утрово го расчисти граничниот премин Идомени и мигрантите кои нелегално се обидуваа да влезат на македонската територија ги врати во Атина. Граничниот премин е затворен и на мигрантите нема да им се дозволува да дојдат до него поблиску од пет километри.
Околу 200 грчки специјалци се распоредени во пограничниот појас на Идомени по инцидентите меѓу полицијата и мигрантите кои го запреа товарниот железнички сообраќај од Грција со другите европски земји. Откако властите утринава ја затворија областа, за кратко биле задржани и новинарите и фоторепортерите.
Откако по препорака на ЕУ, Македонија почна да ги пропушта само бегалцните од земјите кадешто има војна, 1.200 економски мигранти беа заглавени на границата, бидејќи не сакаа да се вратат назад. Сега тие ќе бидат сместени во центрите за мигранти во Атина, а потоа ќе бидат транспортирани во земјата на потекло.