Грчкиот Парламент денеска го одобри пакетот предлог мерки за штедење кои беа услов земјата да продолжи да добива поддршка од европските и меѓународните кредитори. Десетина илјади граѓани протестираа пред Парламентот за време на гласањето, поради што полицијата употреби шок бомби и солзавец за да ги разбие демонстрантите кои фрлале камења и молотови коктели, објави МИА.
Вкупно стотина мерки се дел од пакетот што го одобри грчкиот Парламент. Една од најспорните одредби од предлог мерките е тоа што синдикалните организации во иднина ќе мораат да соберат поголем број потписи од своите членови за да може да организираат штрајк. Мерките ќе го олеснат и продавањето на имот што бил заложен во грчките банки.
Во знак на револт, авиосообраќајот во Грција беше запрен на три часа денеска, а во штрајк стапија и вработените во здравството и јавниот превоз.