Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис ја критикуваше одлуката на неговиот британски колега Риши Сунак да ги откаже планираните разговори на кои се надеваше дека ќе го покрене прашањето за скулптурите на Партенон, пишува Гардијан.
Грчките власти постојано бараа од Британскиот музеј трајно да ги врати скулптурите стари 2.500 години што британскиот дипломат Лорд Елгин ги зел од храмот на почетокот на 19 век додека бил пратеник во Отоманската империја.
Во интервју за Би-Би-Си во неделата, Мицотакис се пожали дека разговорите за можно враќање на скулптурите во Атина не напредуваат доволно брзо.
Потоа следеше откажување на средбата во Даунинг стрит, а потегот на Сунак беше оценет како „погрешен и недостоинствен“.
„Грција и Британија ги обединуваат традиционално силните пријателски врски, а рамката на нашите билатерални односи е исклучително широка. Ставовите на Грција за скулптурите на Партенон се познати“, рече Мицотакис.
Се надевав дека ќе имам можност да разговарам за нив со мојот британски колега заедно со другите меѓународни предизвици: Газа; Украина; климатска криза; миграции, се наведува во соопштението на грчкиот премиер
Според „Гардијан“, Мицотакис му замерил на Сунак затоа што не успеал да одговори на предизвикот да разговара за судбината на антиквитетите што го предизвикаа најдолгиот културен конфликт на Западот.
„Кој верува во исправноста и праведноста на своите ставови, никогаш не се плаши од спротивставени аргументи“, го прекори Мицотакис британскиот премиер.