Грчкиот министер за здравство, Танос Плеурис, ја повика Европската комисија да преземе мерки за надминување на недостигот од лекови, пишува весникот „Катимерини”.
Според соопштението на грчкото Министерство за здравство, Плеврис вчера испратил писмо до европската комесарка за здравство, Стела Киријакидес, во кое повикува на „централна политика на ниво на Европската унија” за проблемот со недостигот лекови со кој се соочуваат сите земји-членки на Европската унија.
„Земјите-членки се обидуваат да се справат со овој проблем преку внатрешни процедури, но сепак е императив да се има централизирана политика на ниво на ЕУ за справување со предизвикот”, вели Плеврис.
Грчкиот министер за здравство ја повика ЕК „да го зголеми производството на лекови” во Унијата.
Грчкото Министерство за здравство во понеделникот најави низа мерки во обид да се справи со недостигот. Една од нив предвидува покачување на цените на евтините лекови, за да се спречи тие да завршуваат на меѓународниот пазар каде нивните цени се многу повисоки.
Грчката агенција за лекови (ЕОФ) забрани извоз на одредени дефицитарни производи и соопшти дека дел од недостигот се должи на проблемите во глобалниот синџир на снабдување.
Претседателот на Сојузот на грчките фармацевти, Константинос Лурантос, рече дека лековите од домашно производство се меѓу најевтините во Европа и се извезуваат по многу повисоки цени. Тој за финансиската редакција на „Нафтемборики” посочи дека ситуацијата се влошува.
Грчкиот министер за здравство вети дека ќе ги засили проверките на трговците на големо во обид да го ограничи извозот дефицитарни лекови