Грција бара Македонија и Албанија да почнат преговори со ЕУ

by Фокус

Цврстата позиција на Грција е Северна Македонија и Албанија да ги одржат првите меѓувладини конференции со ЕУ, повтори шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас по средбата со неговата колешка од Косово Доника Грвала-Шварц.

Дендиас рече дека разговорите биле фокусирани на европската перспектива на регионот, ситуацијата на Западен Балкан, можностите за енергетската соработка, како и на билатералните односи.

-Ја повторив цврстата посветеност на Грција за интеграција на Западен Балкан онаму каде што припаѓа, во европското семејство, потенцирајќи ја цврстата позиција за организирање на првите меѓувладини конференции со Албанија и Северна Македонија – рече Дендиас.

Тој порача дека Грција како прва балканска земја што стана дел од европското семејство чувствува „голема морална должност да му помогне на целиот регион да се приклучи кон Европа“.

-Нашето мислење е дека Западен Балкан мора да гледа кон иднината, а не кон минатото. Западниот Балкан, сите земји од Западен Балкан треба да имаат добри односи со сите земји од поширокиот регион, но перспективата што претставува еднонасочен пат е Европа – истакна Дендиас.

Поврзани новости