Дебарско-струшкиот регион синоќа три и пол часа остана без напојување со електрична енергија.
Причина е гром кој ја погодил главната трафостаница во Хидроелектраната „Шпиље” кај Дебар.
– Главната трафостаница во ХЕ „Шпиље” погодена беше од гром-електрично празнење, при силно невреме. Екипите веднаш излегоа на терен и со максимално залагање големиот дефект беше саниран. Дебарско-струшкиот регион остана без струја од 19:50 до 23:20 часот, потврдија од ЦУК.
Во Дебарскиот регион без струја беа општините Дебар, Центар Жупа и подрачјето на Река, општина Маврово и Ростуше.
Подрачјето кусо беше зафатено од невреме проследено со обилен дожд, електрични празнење и грмежи.
Поради обилниот дожд има појава и на одрони на патните правци од Дебар кон Маврово и кон Струга поради што надлежните препорачуваат внимателно возење и строго почитување на патната сигнализација.