Славица Грковска – вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење денеска на социјалните мрежи изрази очекување од надлежните инстиуции да покренат постапки во врска со последните случувања во Судскиот совет.
„Со кој кредибилитет ќе продолжи ваквиот Судски совет да носи одлуки“, прашува Грковска.
„Кој би бил нивниот кредибилитет како судии? Уште повеќе, очекувам надлежните институции да покренат постапки на повеќе нивоа, зошто одмолчувањето и игнорирањето ќе значи сериозно дерогирање на целото општество“, вели вицепремиерката.
Таа вели дека секој треба да носи индивидуална одговорност во зависност од тоа на која позиција е. Грковска смета дека случувањата во Судскиот совет не смеело во никој случај да се дозволат.
„Имајќи ја предвид крајно неповолната состојба во правосудниот систем во земјава, за која сме сите свесни и за која добиваме остри реакции од меѓународната заедница, сметам дека случувањата во Судскиот совет не смееше во никој случај да се дозволат. Советот е тело кое треба да ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт и да ги остварува своите функции согласно со Уставот и законите“, стои меѓудругото во објавата на Грковска.
„Ваквото однесување на членовите на Судскиот совет е срамно не само за нив, туку и за државата“ повлече таа.