-Интегритетот е најважниот превентивен механизам кога станува збор за справување со корупцијата, но сложеноста на светот во кој живееме и мноштвото релации и разновидни интереси кои се дел од политичкиот пејзаж, ја наметнуваат потребата од јасно регулирање на одредени прашања. Во таа насока, регулирањето на подароците што ги добиваат функционерите е парче од таа голема сложувалка, а правилата за прифаќање и известување за подароци се наменети да се избегнат ситуации кои би можеле да го загрозат интегритетот и да создадат простор за влијание од страна на разни интересни групи и поединци, изјави заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.
Тркалезната маса Пријавување и управување со примени дарови и други погодности: каде сме и што треба да направиме?, во организација на Кабинетот Грковска и Меѓународната фондација за изборни системи, a во соработка со УСАИД, беше инициран од потребата за имплементација на препораките на ГРЕКО за унапредување на регулативата за прифаќање подароци и погодности.
-ГРЕКО ја повторува важноста од воспоставување строги ограничувања во однос на подароците и другите бенефиции и го истакнува ризикот од размена на поволности во ситуации каде што има прекумерно пријателство меѓу политичарите и деловната заедница. Од сето ова, јасно е дека ова прашање мора да се адресира и токму денешниов настан е дел од активностите со кои целиме кон примена на овие важни препораки што нашата држава ги добива во континуитет, изјави вицепремиерката Грковска.
Лиса Клеин, меѓународен стручњак при МФИС, ја презентираше споредбената анализа: Правила и процедури за примање и известување за дарови од лица на кои им се доверени високи извршни функции. Целта на анализата е да се согледаат најдобрите европски практики на ова поле, за потоа да се инкорпорираат и на национално ниво.
Оваа компаративна студија и дизајнирањето специфични мерки и процедури се дел од спектарот на активности за борба против корупцијата, а особено во делот на јакнење на интегритетот при извршувањето на јавните функции.