„Со брзиот напредок во технологијата, сајбер-безбедноста стана поважна од кога било порано, а одвивањето на процесот на дигитална трансформација треба да се сфати многу сериозно од сите страни. Во таа насока, новото предлог законско решение за Законот за безбедност на мрежни и информациски системи и дигитална трансформација, кое вчера го разгледувавме на Националниот совет за дигитална трансформација на општеството со кој раководам, превидува формирање на посебна Агенција, која ќе биде надлежна за оваа проблематика“, истакна вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на Регионалниот дијалог за сајбер политики, кој денеска се одржува во Скопје.
Таа се осврна на напорите кои нашата земја во изминативе години ги презема на ова поле, целејќи кон создавање и зајакнување на капацитетите, координација на донаторската поддршка и меѓународна соработка, со која како држава ги зголемуваме способностите за справување со комплексните предизвици поврзани со сајбер-безбедноста.
Зборувајќи за хибридните закани кои ги загрозуваат демократските општества и ја рушат довербата во регионот на Западен Балкан, Грковска се осврна на сајбер нападите врз ИТ инфраструктурата и дигиталните услуги, како и на дезинформациите кои ги експлоатираат постоечките разлики, шират страв меѓу граѓаните и пропагираат недоверба во демократските институции.
„Време е сите влади во регионот и сите чинители во нашите општества да стават поголем фокус на градење отпорност кон хибридното војување, сајбер нападите и другите закани поврзани со штетните странски влијанија и дезинформациски кампањи. Пристапот кој ги вклучува сите страни во општеството е единствениот метод кој може да даде резултати и затоа треба да се поттикнува соработката меѓу владите, медиумите и граѓанското општество, како и споделувањето на практики и знаења на регионално ниво“ – заклучи Грковска.