Mора да има политички консензус и политичка зрелост кај сите политички партии, без разлика дали се во опозиција или на власт, затоа што тоа е за доброто на државата, изјави заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на денешната тркалезна маса на тема: „Преглед на законската рамка и праксата во назначувањето директори и раководни лица: предизвици и можни решенија“.
„Човечките ресурси, особено тие кои се и компетентни, професионални, и со вградени вредности на интегритет и одговорност не се неограничени. Напротив. Токму затоа, мора да создаваме услови и атмосфера во која тие нема да бидат лишени од можноста да напредуваат и да раководат со институции, а не да ги напуштаат или да ги сметаат за неатрактивни за работа од аспект на нивниот професионален и кариерен развој. Затоа е важно воспоставувањето на цврст систем заснован на заслуги. На тој начин јавниот сектор ќе може да ги привлече, но и да ги задржи компетентните лидери, кои со своето раководење ќе придонесат за ефективна и ефикасна работа на институцијата, претпријатието, или која било организација“, истакна вицепремиерката Грковска во своето воведно обраќање и додаде дека клучна цел на именувањата во раководни структури во јавниот сектор треба да биде овозможување подобри услуги за граѓаните.
Осврнувајќи се на наодите од анализата, вицепремиерката Грковска додаде дека правните празнини и дилеми, како и дискреционите овластувања, несомнено се ризик за интегритетот и за назначувањето засновано на заслуги во рамки на раководната служба. Лоцирањето на слабостите во правната рамка на ова поле мора да води кон конкретни реформи во насока на подобрување на транспарентноста и објективноста при назначувањата, за да се зајакне довербата на граѓаните во институциите и во системот во целост.