Заменичката на претседаталот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на тв Сител изјави дека покренала иницијатива во Владата да се пристапи кон законски измени кои ќе оневозможат лицата кои се на листата на санкции на САД, на ЕУ и на Обединетите Нации да бидат на каква било позиција или да се вработат во администрацијата.
Дополнително, додаде таа, неопходни се измени кои ќе предвидат дека доколку на некој функционер, којшто во моментот е на позиција, му биде изречена таква санкција, мандатот веднаш да му прекине, затоа што однесувањето како ништо да не се случило, после изрекувањето на таквите санкции ја урива довербата во институциите и не придонесува кон градење на систем во којшто граѓаните можат да имаат доверба.
Во таа насока, паралелно со зајакнување на критериумите за носителите на функциите, Кабинетот за политики за добро владеење подготви Предлог за измени и дополнувања на Законот за рестриктивни мерки, со кој, покрај правно обврзувачките резолуции на Советот за безбедност на ОН и правните акти на ЕУ, ќе се додадат и мерките на САД, како основ за законски рестриктивни мерки.
„Корупцијата ќе ја намалиме драстично во оној момент кога ќе се види дека системот функционира непристрасно, дали за функционер, дали за обичен граѓанин и кога ќе се види дека има казнивост и санкции за сите оние кои прекршиле, па дури и етички и морални норми“, истакна вицепремиерката Грковска.
Во пресрет на утрешната јавна расправа за предлог Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка, таа ја образложи целта на донесување на ова законско решение, кое ќе ги зајакне антикорупциските правни механизми во земјава.
Грковска истакна дека со овој закон ќе се овозможи во граѓанска постапка да се санкционираат лица коишто имаат драстична разлика во она што го заработиле од официјално пријавените приходи и имотот што го поседуваат, во ситуација кога нема доволно елементи за покренување на кривична постапка.
„Целта е, со санкционирањето на вакви лица, да се докаже дека корупцијата е неисплатлива и дека имотот што го стекнале на таков незаконски начин ќе биде одземен во една законска процедура и како што е предвидено со законот, да се врати назад кај граѓаните, да биде даден на социјални категории граѓани“, нагласи таа.
На прашањето дали еден ваков закон може да биде употребуван за политички пресметки, вицепремиерката Грковска истакна дека секој што на чесен начин го стекнал имотот, нема потреба да се грижи ако треба да докаже на каков начин е стекнат тој имот.
Во предлог законот има дефинирани предуслови, врз основа на кои треба да се покрене постапка, за Финансиската полиција да започне со процесот, а во ланецот се вклучени низа институции, појасни Грковска и истакна дека овој закон има за улога да ги детектира и санкционира големите криминали.