Вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска, по разговорите во Одделот за правда на САД во Вашингтон, изјави дека очекува американската црна листа да продолжи да се дополнува.
– Се надевам дека листата уште повеќе ќе се надополнува. Секогаш, велам, дека тоа е дополнителна помош од нашите меѓународни партнери, за да ги поттикнат домашните институции да си ја вршат својата работа – вели Грковска во интервју за Гласот на Америка.
Таа нагласува дека тоа првенствено е домашна работа, на домашните институции и правосудство, да ги покренат овие случаи, и да се посведочи дека има завршница и оти навистина некој одговара од високите профили обвинети за корупција, доколку навистина се огрешиле пред законот. Но, како што посочува, за а справување со овие процеси се потребни храбри луѓе.
– Заради недостатокот на ефикасноста и резултати во правосудниот систем, има генерално мислење во јавноста дека се уште не можеме да бидеме сосема задоволни од резултатите во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Тоа е главно на адреса на правосудниот систем – изјави Грковска.