Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска одржа редовен онлајн координативен состанок на кој учествуваа министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, претставници од естонската Академија за е-Владеење (e-GA) и УСАИД во Северна Македонија, како и претставници од Агенцијата за електронски комуникации, кои работат на проекти поврзани со сајбер безбедноста во земјата.
Вицепремиерката Грковска, како што соопшти нејзиниот Кабинет, истакна дека координацијата на активностите меѓу секторите кои работат на зајакнување на капацитетот во делот на сајбер безбедноста е многу важна за да не дојде до преклопување на проектите, од една страна, но и да се зголеми соработката и ефикасноста на проектите кои се спроведуваат во Република Северна Македонија со поддршка на странски партнери.
-На состанокот, учесниците се запознаа со активностите кои во моментов ги спроведува Министерството за информатичко општество и администрација заедно со работната група која во делот на сајбер безбедноста се фокусира на неколку клучни аспекти, а тоа е енергетиката, банкарството и финансиите, како и комуникациите и технологијата, но и на градење на дигитална отпорност на системот, се наведува во соопштението.
Раководителката на програмата за сајбер безбедност во e-GA, Мерле Маигре нагласи дека со поддршка на Европската унија веќе се работи на нов проект за сајбер безбедност, во кој освен Република Северна Македонија ќе бидат вклучени и Албанија и Црна Гора. Потенцираше дека активностите ќе бидат споделени со тимот на USAID-CIDR Проектот, кој веќе работи во нашата земја на сајбер безбедност на критичната информациска инфраструктура, се со цел да не дојде до преклопување на проектите, но и да се зголеми нивната ефикасност.
Претставничката од УСАИД Дон Кармин, ја поздрави иницијативата на вицепремиерката Грковска и нагласи дека редовната координација со E-GA ќе биде од големо значење во реализацијата на проектите.
Вицепремиерката Грковска најави дека на овие редовни координативни состаноци ќе ги вклучи и претставниците на Министерството за одбрана, каде исто така се спроведуваат активности во делот на сајбер безбедноста.