Во овие тешки времиња кога целиот свет се соочува со сериозни закани по светскиот мир, како и сериозна економска и енергетска криза, на светот му треба разумот на жените, му треба нивната остроумност, мирољубивост, кои се главни постулати на жените во практикувањето на политиките, особено во надворешната политика, порача заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на панелот на темата „Придонесот на невладините организации во процесот на одлучување, што се одржа во рамките на втората меѓународна конференција“, „Жените во надворешната политика“.
На почетокот на своето обраќање таа оддаде почит на Илинка Митрева, првата дама во македонската дипломатија, која, како што рече, остави значаен белег во позиционирањето на Северна Македонија на светската политичка сцена и ја покажа силата на жените и нивната непоколебливост кога е во прашање одбраната на државните интереси и градењето на мирот.
„Навистина се радувам што сум дел од овој Панел чија задача во основа е да го истакне значењето на граѓанскиот сектор во градењето на политиките и секако на крајот носењето на одлуките. Граѓанскиот сектор има и треба да има големо значење во креирањето на сите политики, бидејќи тие со својата експертиза, знаење, па ако сакате и еден вид надзор даваат додадена вредност на дефинираните политики“, оцени вицепремиерката Грковска.