Славица Грковска – вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење смета дека лицата кои се ставени на црната листа на САД, не треба да бидат ниту на јавни функции, ниту кандидати за јавни функции. Посочи дека ваквата мерка е во насока на зголемување на довербата на институциите.
„Дадов иницијатива која што Владата ја прифати, за изменување на Законот за рестриктивни мерки, со кои ќе се зголеми опсегот на рестриктивните мерки и ќе се однесува и на организиран криминал, корупција и тероризам, а со координативното тело составено од неколку институции се договоривме да се додадат и хибридните закани како дејствија против државата. Координативното тело веќе подготви предлог драфт на законот. Министерството за надворешни работи како матично министерство треба да го изготви и да го предложи на Владата да го разгледа и потоа да влезе во собраниска процедура“, рече Грковска.
Како што појасни, така се олеснува процесот за оние лица кои САД ќе ги стави на листата на санкции, да се процесуираат и во македонското законодавство.
„Ги додаваме и Обединетото кралство кое до сега беше опфатено во санкциите кои се изречени од ЕУ. Но бидејќи веќе не е член на ЕУ сметавме дека треба и тоа да биде додадено. Исто така, сметаме дека треба да има дополителни реперкусии во смисла за оние кои се ставени на листата на санкции, дека не треба да бидат ниту кандидати за јавни функции ниту да бидат на јавни функции. Тоа ќе биде мерка во насока на тоа да се зголемува довербата на институциите. Не смееме да дозволиме лица кои се ставени на листата на санкции да се однесуваат во нашата држава како ништо да не се случило и не само тие лица, туку институциите кои се задолжени за борба против корупција и организиран криминал да се однесуваат како воопшто да нема укажување од нашите меѓуинародни партнери дека имаат сериозни докази врз основа на кои ја донела одлуката тие лица да ги стават на листата на санкции“, порача Грковска.