Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска е задоволна од членот во Кривичниот законик кој се однесува на проширената конфискација на имот, но за другите одредби од Законот изразила резерва на седница на Владата.
-Кога станува збор за измените во Кривичниот законик за членот што се однесува на проширената конфискација сакам да кажам дека сум задоволна затоа што ова е иницијатива на мојот кабинет. Ние како кабинет, бидејќи сме задолжени за координација на Стратегијата за зголемување на капацитетите за финансиски истраги и конфискација на имот, го дадовме тој предлог во јуни и го задолживме Министерството за правда да го даде тој предлог со оглед на тоа што проширената конфискација дава поголема можност на судиите да пресудуваат и да биде тоа една од сериозните мерки кога станува збор за борба против корупцијата и организираниот криминал. Според искуството што го земавме и од другите држави најголемиот притисок и најголемата реакција ќе ја почувствуваат тие што се прекришиле од законот доколку лично почувствуваат дека се засегнати од прекршувањето на законот и стекнувањето на имотна корист спротивно на законските одредби – рече Грковска.
За другите одредби од Законот, Грковска рече дека ја изразила својата резерва на седницата на Владата поради тоа што, како што наведе, има реакции во јавноста за начинот на кој тие членови ќе се ефектуираат на актуелни случаи.
-И повторно доаѓаме на прашањето на ефикасноста на правосудниот систем заради тоа што и со старите решенија ние се доведуваме во ситуација одредени случаи да застарат особено кога станува збор за политичари, бизнисмени кои биле или сè уште се блиски до власта. Знаете дека јас реагирав и минатата година, имавме неколку реакции, имавме неколку настани за тоа да најдеме начин како тоа да се превенира. Ја следам внимателно реакцијата на професионалната јавност дека не секогаш висината на казната е најдобриот механизам за изрекување на мерки и повторно доаѓаме до тоа дека правосудниот систем, обвинителите и судиите треба независно и непристрасно да си ја вршат својата работа. Некогаш за жал имам впечаток дека обвинителите и судиите се ставаат во улога поголема од политичарите, дека прават политичка проценка пред да донесат одредена одлука, за тајмингот на одлуката, за висината на казната – истакна вицепремиерката.