Славица Грковска – вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење на денешниот брифинг со новинарите рече дека договорот со „Бехтел и Енка“ има клаузула за тајност.
„Мојата прва изјава за тоа беше дека во принцип не гледам причина да не биде објавен, освен ако има клаузула што би можела да влијае на таквата одлука и дека ќе проверам дали има таква клаузула. Меѓутоа, таква клаузула постои, веднаш беше објавено од премиерот и беше информирана јавноста за постоењето на таква клаузула и дека таа не обврзува во еден дел за таква мерка“ – рече Грковска.
За механизмот кој им стои на располагање – опомените за функционери кои го прекршуваат етичкиот кодекс и ја злоупотребуваат својата функција, таа нагласи дека без оглед за кого станува збор, одлучуваат исклучиво врз основа на аргументите.
Грковска посочи дека е дадена препорака секое министерство и секоја институција да има лице задолжено за кодексот со цел најдобро имплементирање на етичкиот кодекс.
„Во добра насока сме, тоа е процес заради тоа што досега не сме имале случаи на изрекување мерки и опоменување за такво однесување на функционери. Тоа е процес кој се надеваме дека еден ден ќе не доведе до ситуација кога свесноста на функционерите ќе биде на тоа ниво какво што е во денеска поразвиени демократски држави, но преку ноќ не се случува“ рече вицепремиерката.