На Меѓународниот ден на борбата против корупцијата – 9 декември, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, на состанокот, што го организираше во соработка со евроамбасадорот Дејвид Гир и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, а на кој присуствуваа претставници на сите институции надлежни за борба против корупција, порача дека сите присутни во салата се одговорни за состојбите во државата, вклучително и за степенот на корупција.
-Мора отворено да разговараме за слабостите во системот во делот на корупцијата. Нас не ни требаат реформи на хартија, ни требаат суштински реформи кои ќе значат исполнување на стандардите за членство во Европската Унија, но и ќе овозможат позитивни промени за граѓаните, истакна вицепремиерката Грковска.
На состанокот присуствуваа и министрите за финансии и информатичко општество и администрација, Фатмир Бесими и Адмирим Алити, како и потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, претседателката на Комисијата за политички прашања Соња Мираковска, државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски и претседателката на Судскиот Совет Весна Данева.
-Во повеќе наврати кажав дека нема да бидам политички коректна, особено имајќи ги предвид случувањата во правосудството. Не може некој да го руши системот од внатре, а за тоа да се нема одговорност. Независноста која ја дава Уставот не смее да биде сфатена како привилегија, како изговор за самоволие. Таа независност дава уште поголема обврска и уште поголема одговорност, нагласи вицепремиерката Грковска.
Од Владата посочуваат дека евроамбасадорот Гир нагласил дека ЕУ ќе продолжи да ја поддржува земјата, но дека мора да се испорачаат конкретни резултати во справувањето со корупцијата за што е потребен координиран ангажман од сите.
Според вицепремиерот Маричиќ, борбата против организираниот криминал и напредокот на патот кон ЕУ се два меѓусебно зависни процеси кои го забрзуваат процесот на интеграција.
Амбасадорот Гир ја поздравил иницијативата на вицепремиерката Грковска и нагласи дека само преку координиран процес и редовно следење на имплементацијата на реформите е можно да се постигнат.
Добар патоказ во кој правец треба да се движат реформите, според вицепремирката Грковска, е Извештајот за напредокот на Северна Македонија подготвен од Европската Комисија, во кој се дадени насоки каде треба да се движиме во сите области.
-Не е доволно само формално да се залагаме или само на хартија да ги исполниме стандардите на Европската Унија, т уку суштински во нашето општество да ги втемелиме вредностите на ЕУ – почитување на човековите права, демократија, владеење на правото и функционална пазарна економија. Владеењето на правото не можеме да го постигнеме доколку имаме селективна правда, доколку немаме ефикасна и неселективна борба против корупцијата, доколку имаме нефункционален систем, доколку имаме судски спогодби, одлуки полни со сомнеж и без никаква транспарентност, порачала Грковска, нагласувајќи дека секоја институција која е дел од ланецот на антикорупциски институции за наредната година ќе мора приоритет да и биде надминувањето на забелешките наведени во Извештајот на Европската Комисија за 2022 година.
Одговорноста од неуспесите, според Грковска, веќе не смее да биде колективна.
Во рамки на затворениот дел на состанокот се разговарало за приоритетите за наредната година, при што било нагласено дека секоја институција мора да ја зајакне имплементацијата на Стратегијата за спречување на корупцијата која за жал се движи со забавено темпо. Истовремено било договорено дека приоритетни области на кои во наредниот период мора да се работи се особено во делот на јавните набавки, каде мора да се зајакнат индикаторите за сомнителни јавни набавки, како и во делот на вработувања во јавниот сектор.
Вицепремиерката Грковска ги задолжила сите институции во рок од 10 дена до нејзиниот Кабинет да ги достават приоритетите во однос на имплементација на Извештајот од Европската Комисија за напредокот на Северна Македонија, но и во однос на Стратегијата за спречување на корупција, по што ќе следи надзор на нивната реализација, информираат од Владата.и