Таа гримаса која покажува моќ, сигурност во позицијата, некоја варијација на надменост, неоснована самобендисаност. Треба да се соберат сите фотографии со оваа насмевка, која се користи во говорите, изјавите и на пресовите за да се понижи противникот да се изложи на потсмев, онаа насмевка која среде збор го деформира зборот, му дава еден тон со кој противникот треба да се згази под нозете, да се простре како черга и од него да се подзабришат нозете.
Таа гримаса треба да се пронајде на многу фотографии од јавни настапи и да се направи албум, кој ќе биде некако насловен: потсмешливоста на премиерот, која се нарекуваше смеење.
Потценувачкиот однос проследен со смеење го извитоперува зборот. Лицето му добива поинаков израз како последица на искривување на устата во еден агол. Има ликови во цртаните филмови кои се смешкаат така. Тоа се генерално негативци. Хроми Даба, на пример.
Ништо повеќе не е смешно кога се работи за Никола Груевски. Трошка добронамерност нема во неговиот говор, трошка скромност и самокритика. Ништо. Според тоа, нема што да биде проследено со насмевка. Неговата насмевка-гримаса ќе влезе во историјата, независно од него.
Ќе биде окарактеризирана како насмевка на човекот што не знае да се смее. Не му треба курс по смеење. Не врши работа ниту препораката на Веинрајт во Говорот на телото, да вежба насмевка пред огледало секое утро. Тоа на некои други би им помогнало да изгледаат посимпатично и побавно да стареат.
Ова е сурова земја во која луѓето немаат право на избор. И да решат да изберат, околностите во секој случај и за некое време изборот ќе им го направат погрешен.
Од тоа логично следи дека ова не е земја на избор. Но, секако, е земја на избори. Секоја година бината ќе ја окупира, не човек, туку речиси дух на некој што сме го гледале и лани и преклани и пред пет години. Стои и им се потсмева на луѓето. Се потсмева на нивната борба, на нивните животи, на сѐ што се или сакаат да бидат.
И сите чекаат да каже некој добар збор за некој друг, освен за себеси. Зашто тоа кога кажува за своите е кобајаги. Кажува за друг, а мисли на себе.
Да, оваа насмевка што беше сеприсутна на бините и говорниците, треба да влезе во историјата. Македонија ако имала сѐ друго, таква државничка насмевка немала.
Таа насмевка е на место, иако не изгледа така. Таа е соодветна на ситуацијата.
Во ова време-невреме, смеењето навистина премина во потсмевање. Ова првото, барајте го на некое друго место. Таму каде што го најдоа половина милион Македонци.
Се смее слично на Тома Николиќ. Со ништо предизвикан, поставен за претседател на Србија, тој има насмевка на игуана во време на парење.
Во наредните месеци само гледајте и снимајте. Ќе има една промена. Насмевката на премиерот потполно ќе исчезне. Потсмешливоста ќе се претвори во бес, бесот во загриженост, а таа, заедно со својот сопственик ќе заврши таму каде што заслужува.
Во кафез.