Гренланд порача дека „не е на продажба“ откако претседателот на САД Доналд Трамп изјави дека би сакал да го купи тој најголем остров во светот, пренесува Би-би-си.
Трамп наводно на состаноци со соработници и советници ја разгледувал идејата за купување на Гренланд, автономна територија на Данска.
Меѓутоа, гренландската влада ја отфрли идејата, изјавувајќи: „Отворени сме за бизнис соработка, не за продажба“.
Весникот Вол стрит џурнал, кој прв ја објави веста за Трамповата желба да го купи Гренлад, тврди дека Трамп за купувањето зборувал „со различни степени на сериозност“.
Извори цитирани во други медиуми различно тврдат дека американскиот претседател се шегувал или сериозно се надевал да ја прошири територијата на САД.
Властите на Гренланд, пак, инсистираат дека островот не е на продажба.
-Гренланд е богат со природни ресурски како минерали, најчисти вода и мраз, резерви на риба, морски плодови, обновлива енергија и секогаш има потенцијал за авантуристички туризам. Отворени сме за бизнис соработка, не за продажба, порача министерството за надворешни работи во изјава преку социјалните медиуми.
Премиерот на Гренланд Ким Киелсен го повтори истото во посебна изјава.
-Гренланд не е на продажба, но отворени сме за трговија и соработка со другите држави, вклучувајќи ги САД, порача Киелсен.
Главниот уредник на гренландскиот весник Свемитсијак Пол Краруп кажа за Би-би-си дека „не може да верува“ дека Трамп кажал такво нешто.
-Гренланд е самостојна територија на Кралството Данска и како таков мора да се почитува, кажа Краруп.
Но, додаде и дека шансите да се оствари желбата на Трамп се исклучително мали.
-Би сакале да соработуваме со САД, во тоа нема сомнеж, но независни сме и сами одлучуваме кои ќе бидат нашите пријатели, кажа тој.
Гренланд, по Австралија која се дефинира како континент, е најголемиот остров во светот и автономна територија на Данска.