Музичката икона Грејс Џонс (75) доаѓа во Македонија и ќе одржи концерт во Скопје, на стадионот на АРМ на 6-ти јули. Настанот е во склоп на ,,Skopje calling 2024”, а од Авалон Продукција најавуваат 90-минутно спектакуларно шоу.
Како што појаснуваат од продукцијата, деталите за влезниците за концертот ќе бидат објавени утре, на 30-ти јануари.
-Веројатно не постои светски артист на оваа планета (освен, се разбира, David Bowie) кој може толку аргументирано да изнесе толку многу различни и заслужени епитети како Grace Jones, една од најреволуционерните и најзначајни музички и уметнички појави на светот на сите времиња.
Некои од нив се: ” Musical mastermind”, “Amazing Grace, “Timeless”, “Art aristocrat”, “True diva”, “Goddess of Rhythm”, “Pop culture icon”, “Fashion Icon” “Vamp Woman”… а покрај сето тоа, таа е и Super Model и Movie Star.
Но, она што е најважно во моментов за нас е дека, пред се’, Grace Jones е “Master of stage”. Во тоа ќе се убедиме самите во Скопје- истакуваат од продукцијата.
Додаваат дека Грејс Џонс е пред своето време, и ќе ја вратат Македонија на листата на земји каде се случуваат убави нешта, по светски стандарди.
-Да бидеме искрени, Grace како никогаш да не припаѓала на оваа планета. Како да се објасни на друг начин нејзиниот изглед и она што и ден денес го прави на сцена? Фотографиите долу се од нејзиниот хедлајнерски настап на фестивалот во Hammerstein Ballroom, лето 2023. Како да се објасни и ден денес светското чудо од албум ,,Nightclubbing”? Пуштете го и слушнете го. Тој и денес, во секој музички сегмент е еден век пред време. И секогаш ќе биде… во било кое време.
Од друга страна, еднаш некој рече ,,Не е работата што Grace Jones е пред Madonna, Lady Gaga, Rihanna и Beyonce, работата е што таа се уште е сите три во едно”.
Драги наши, сите заедно ќе имаме можност, Grace Jones, заедно со нејзиниот многуброен бенд и спектакуларно 90-минутно шоу, да ја видиме овде, кај нас дома. И да ја вратиме Македонија таму каде што токму ние ја поставивме и многу љубоморно ја чуваме од 2001 година: на листата земји каде сепак се случува нешто убаво и по светски стандарди – во реалноста, а не само вербално и имагинарно- истакнуваат од Авалон.
Грејс Џонс по потекло е од Јамајка. Таа е на сцената околу пет децении и е пејачка, актерка и супермодел.
Вики Клинчарова