„GREEN FORCES“ E ПОРАКА ЗА ЕКОБУДЕЊЕ

Кристина, Анастасија, Миха и Филип од „Дајте музика“ настапуваат на јуниорската евровизиска сцена на 19 декември во Париз

by Fokus

Кристина, Анастасија, Миха и Филип од „Дајте музика“ со песната Green Forces на јуниорската евровизиска сцена на 19 декември (недела) во Париз ќе пратат музичко предупредување за опасноста од глобалните екопроблеми.

Македонските претставници на детската Евровизија веќе ги освојуваат срцата на фановите на ова натпреварување.

Тие ја имаа првата проба и на големата сцена во Париз ја испеаја нивната песна, а видеото за неполн час имаше над 6000 прегледи на Јутјуб. Песната е на Роберт Билбилов и Робин Зимбаков, а фановите не кријат дека песната им е меѓу омилените оваа година.

Дел од екипата, главни актери во актуелниот детски серијал „Дајте музика“, ќе бидат гласноговорници на својата генерација на јуниорската евровизиска сцена, со надеж дека ќе ги отворат очите на европската јавност за сериозната опасност со која се соочува Земјата, потсетувајќи дека моќта за промена е во рацете на секој жител на планетава.

Меѓу кореографските и пејачките проби, пред да отпатуваат тие активно ги анализираа глобалните екопроблеми за да можат уште подобро да ја разберат важноста на нивната мисија.

Песната веќе надмина еден милион прегледи на официјалниот канал Junior Eurovision Song Contest. Всушност, во моментов има над 1,3 милиони прегледи, а позитивни коментари има многу.

Дури и критичарите постојано имаат пофални зборови за нашите претставници, а ние како публика, секако, се надеваме на добар пласман, а нескромно ќе кажеме дека навиваме и за победа.

Екологијата не е здодевна тема

Во процесот на подготовки за јуниорскиот Евросонг имавме обуки на тема екологија или заштита на животната околина, кои ги работевме со претставници на „О2“ иницијативата. Ние сфативме дека екологијата не е воопшто „досадна“ тема како што нашите врсници понекогаш знаат да кажат, но, за жал, не се обрнува доволно внимание, вели Кики за „Фокус“.

Таа појаснува дека преку практични примери, тие разбрале дека сите ние грешиме во нашиот однос кон околината во која живееме.

– Не е дека градот ни е загаден само од сообраќајот или дека годинава случајно имало повеќе комарци од вообичаено како и дека појавата на штетници на Водно е нејасна – сево ова се резултати на загадувањето, климатските промени и глобалното затоплување! А нашата земја е меѓу топ 10-те најзасегнати во Европа со климатските промени, додава Кика.

Користете платнени торби

Стаси, пак, вели дека со рециклирањето на ѓубрето, не само што можеме да помогнеме во намалувањето на загадувањето, туку и да заштедиме. Според неа, периодов беше актуелна забраната за користење пластични ќеси. За една кеса да се произведе, потребни се 5 секунди, но за да се распадне, треба да поминат 250 години. Користењето платнена торба е навика, која со текот на времето секој може да ја стекне.

– При нашата средба со министерот за животна средина, Насер Нуредини, му предложивме да се организира натпревар за собирање пластични шишиња, кои понатаму би биле дадени на рециклирање – вели Миха.

Филип, пак, го посочува примерот со Шведска, која само 1 до 2 проценти од својот отпад го остава на депонии, а сѐ друго се рециклира и се користи за производство на електрична енергија.

Македонија има 300 сончеви денови, а многу мала искористеност на природните, односно обновливите извори на енергија. Но, г. Нуредини ни објасни дека веќе се работи на план за обновлива енергија и ние навистина би сакале тој план што е можно поскоро да се оствари – додава тој.

Одговорноста за загадувањето е кај сите нас

– Според некои истражувања што ги разгледувавме, главни извори на загадувањето се домаќинствата, сообраќајот, градежните активности и индустријата. Ако домаќинствата се први, тогаш одговорноста е кај секој од нас, вели Стаси за „Фокус“.

Миха додава дека рециклирањето, транспортот и обновлива енергија се трите главни работи, кои можат да направат огромна разлика.

Но, понекогаш има проблеми во остварување на целите за помало загадување, а прашањето за мобилноста го поставиле и до министерот Нуредини.

Сакам да возам велосипед, но нема доволно патеки

За да стигнам до кај Миха со велосипед или тротинет, потребни ми се 10-15 минути од Капиштец до Аеродром. Но, ако некој ме однесе со автомобил, тоа се најмалку 25 минути до таму, плус 25 назад. Иако многу сакам возење со велосипед и тротинет, немам можности за тоа: има премногу автомобили и нема безбедни и чисти патеки. Од друга страна, свесен сум дека возењето со автомобил е втор по ред загадувач кај нас, додава Филип.

За Кики, некогаш, малите едноставни нешта кои секој може без проблем да ги направи, можат да значат многу за нашата животна околина.

– Би го споменала фрлањето на ѓубрето каде што му е местото, исклучување на полначот од штекер кога мобилниот ќе се наполни, комплетно исклучување на компјутерот ако не го користиме, гаснење на светлата, донирање на облеката што не ни е потребна, делење на транспортот со некој што оди во ист правец, ако нема можност за пешачење, велосипед или друго транспортно средство што помалку загадува… листата е навистина долга, а решенијата се едноставни – заклучува таа.

Сакаме да рециклираме, ама каде?

Кога бев во градинка, собиравме пластични шишиња за да ги дадеме на рециклирање и да купиме со „заработените пари“ семе за јагоди, кои ги растевме во градината на градинката. Така уште од рана возраст во моето „Изворче“ нѐ учеа кои може да бидат придобивките на рециклирањето. Тоа потоа продолжи дома, па ние пластичен отпад практично немаме, но имаме проблем со неговото одлагање зашто нема доволно контејнери за рециклирање, вели Кики.

Според Миха, колку и да имаме желба за рециклирање, контејнери за рециклирање има само на неколку места во градот и секогаш отпадот е измешан.

– А околу реупотребата, многумина не го поврзуваат поимот со ‘продолжување на животниот век’ на нештата, па имаат претрупани тавани, подруми или плакари со работи кои долго време не сме ги употребувале, а можеби и никогаш нема да ги употребиме повторно, но тие работи, на некој сигурно му се потребни – вели Филип.

Стаси, пак, за пример ја дава модната индустрија како еден од најголемите загадувачи, а облеката што сме ја надраснале или не ни е потребна, можеме да ја одложиме во контејнерите на Црвен крст, кои ги има на неколку места во градот.

Училиштата не обрнуваат многу внимание

Во текот на обуките, ни беше дадена домашна задача да избереме три еколошки организации во кои би сакале да се вклучиме, односно што се интересни за нас. Јас ги одбрав „О2“ поради нивните активности за почист воздух, „Биди зелен“ поради разбирливиот начин на презентирање на еколошките активности и младинското организирање  „Не биди ѓубре“, на кои навистина би сакала да се приклучам во некоја акција за чистење на градот. Информациите за еколошки здруженија или организации се недоволно достапни, а тие што ги има се премногу опширно напишани, вели Кики.

Таа вели дека многу нивни врсници не ги третираат темите за еколошки активизам, а, исто така, во училиштата не се обрнува доволно внимание за екологијата.

– Моето училиште „Нова“ имаше донаторска акција за канти за отпадоци на територијата околу училиштето, но такви или слични активности треба да има многу повеќе – додава Кика.

Да се намали употребата на јаглен

Нашата песна беше промовирана на денот на затварањето на конференцијата СОР26 во Глазгов, на која присуствуваа околу 30.000 луѓе. Како што дознавме при посетата на британската амбасадорка Рејчел Галовеј, земјите за првпат, по Париз, се обврзаа да ја намалат употребата на јаглен, а развиените земји до 2023 година да обезбедат 100 милијарди долари за неразвиените земји во борбата против климатските промени и глобалното затоплување, вели Анастасија.

Кики дополнува дека ако седиме и не правиме ништо, ние сме дел од проблемот, но ако направиме нешто корисно, ќе станеме дел од решението.

– Ние сме генерацијата што мора да направи разлика пред да биде предоцна. Ние, како „Green Forces, ја имаме можноста на најголемата јуниорска сцена во Европа да ја претставиме нашата држава и да пренесеме многу важна порака, која го засега можеби целото човештво – заклучува Кики.

 

Соња Танеска

 

Поврзани новости