Димовски вети дека ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за укинувањето на радиодифузна такса, законите за стечајци и минимална плата

by fokus

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат за трите социјални закони што ги предложи коалицијата на СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците, а кои предвидуваат укинување на радиодифузна такса, зголемување на минималната плата и обештетување на стечајните работници.

Овие закони беа ставени на дневен ред во Собранието без гласовите на ВМРО-ДПМНЕ. Пратениците од оваа партија се определиле да ги поддржат и покрај тоа што, велат, СДСМ не гласаше за контра-пакетот од три закони на ВМРО-ДПМНЕ.

-Се повеќе се потврдува позицијата дека Парламентот е на тенкото мнозинство од 62 пратеници, а не е Парламент на 120 пратеници избрани од сите граѓани на Република Македонија.Без разлика на ставот на СДСМ не гласањето за законите кои што ние ги предложивме, а се од значаен интерес за граѓаните на Република Македонија, ние ќе го потврдиме нашиот конструктивен однос и ќе гласаме за трите закони кои што СДСМ ги предложи – изјави Димовски.

Тој го нарече лицемерно однесувањето на пратениците од СДСМ кои на вчерашната седница на Комисијата за финасирање и буџет не гласале за нивниот предлог Закон за ваучерите за комјутери за студентите.

Димовски очекува дека СДСМ и коалицијата ќе гласа против предлогот на ВМРО – ДПМНЕ за зголемување на платите во администрацијата и против предлогот за измени во Законот за извршување.

-СДСМ призна дека глуми лажна конструктивност и покажува лицемерие, спрема стотици илјади граѓани, кои треба да имаат придобивки од трите закони. СДСМ ја продолжува тенденцијата на монополистичко однесување со парламентот – рече тој.

Поврзани новости