Изборот да не брзаме со ратификација на меморандумите се покажува како правилен избор, бидејќи тие се механизам за контрола на правилното спроведување на Договорот од Преспа, изјави портпаролот на грчката Влада, Јанис Иконому на денешниот брифинг со новинарите, одговарајќи на новинарско прашање за последните случувања во земјава, но и за изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за употребата на името Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.
– Владата нема да се вмеша во внатрешните работи што во моментов се во тек во Северна Македонија. Како и да е, може да се сфати дека нашиот избор да не брзаме со ратификување на меморандумите во изминатиот период, се покажува дека е избор што всушност е точен и правилен, со фактот што меморандумите претставуваат еден механизам за контрола на правилното спроведување на Договорот, рече Иконому.