Нова листа со прислушувани со софтверот „Предатор”, на која, меѓу другите, се и поранешниот началник на грчката полиција, обвинителката во Националната служба за разузнавање, но и владиниот портпарол, објави грчкиот весник „Документо”, а од опозициската СИРИЗА бараат од Мицотакис, или да даде одговори или да си поднесе оставка, јави дописничката на МИА од Атина.
Проопозицискиот весник пишува дека конкретните лица, биле прислушувани со „Предатор” по наредба од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, а на новата листата со 33 имиња, освен поранешниот началник на грчката полиција, обвинителката во Националната служба за разузнавање и владиниот портпарол се и министерката за образование, пратеник од ПАСОК, генерални секретари, обвинител, бизнисмени итн.
Од СИРИЗА преку соопштение коментираат дека со она што го објави весникот „Мицотакис повеќе не е обвинет за следење на неговите противници и соработници, туку за организирање и извршување на невидена уставна и демократска диверзија”.