Не би рекол дека ветото е нешто што лесно се става во Европа, но она што може да се направи е секојдневен притисок на патот до членство во ЕУ, вели алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милтиадис Варвициотис во интервју за грчкиот портал „GRTimes“, во однос на тоа дали Атина би ја блокирала европската интеграција на земјава и во кој случај би можела да стави вето.
– Ако нашите односи се влошат, ако не се почитува духот на добрососедски односи, ако постои суштинско прекршување на условите на договорот што го имаме потпишано, ако постои една сериозна промена во врска со функционирањето на владеењето на правото, на демократијата во соседната земја. Не би рекол дека ветото е нешто што лесно го ставаш во Европа. Но, она што може да се направи е секојдневен притисок, бидејќи патот кон Европа на сите останати балкански земји не е лесен тек и преговорите нема да бидат шест месеци или една година. Ќе траат многу години, можеби и деценија за да ја поминат портата на Брисел и да седнат на иста маса во Европскиот совет, објасни Варвициотис.
Алтернативниот шеф на грчката дипломатија, во однос на Договорот од Преспа го повторува ставот дека владејачката Нова демократија направила сѐ што можело за да не биде потпишан и ратификуван, објаснувајќи дека ревизија на Договорот не е изводливо решение и потенцирајќи дека „Грција е земја која ги брани меѓународното право и меѓународните договори“.
– Кога (Грција) од другите бара да го почитуваат нивниот потпис, така и самата мора да го почитува нејзиниот потпис. Промена, ревизија на Договорот од Преспа, не е ниту лесен процес, ниту во овој процес Грција би дошла со силни оружја на маса. Нејзините силни оружја беа ветото за членство во НАТО и Времената спогодба која предвидуваше дека нашата соседната земја, во сите меѓународни организации ќе биде призната како Поранешна југословенска Република Македонија. Овие работи ги изгубивме со Договорот од Преспа. Речиси се завршува интеграцијата на Скопје во НАТО и секако веќе не е во сила Времената спогодба. Според тоа, ревизијата не е едно од изводливите решенија. Не е да го поништиме. Она што треба да направиме е чекор по чекор во европскиот тек на земјата, да се обидеме да го подобриме, објаснува алтернативниот министер за надворешни работи на Грција во интервјуто за грчкиот портал.
Во истиот контекст, Варвициотис како пример споменува дека турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, иако не се согласува со Лозанскиот договор, сепак не го поништува.
Варвициотис смета дека аргументот на претходната грчка Влада, дека е придобивка што Грција го надгледува воздушниот простор на Северна Македонија и не е толку важен, бидејќи Атина истото го прави и со Албанија откако во 2009 таа земја стана членка на НАТО.
– Бидејќи Албанија нема воени авиони, од 2009 грчкото Воено воздухопловство има обврска да го надгледува албанскиот воздушен простор. Мислам дека имаме потрошено некои 10-тина милиони евра, толку беше цената на целиот овој случај и е елемент од нашите НАТО обврски. Што прават воените авиони, за да биде појасно: Во случај некој авион, да престане да емитува сигнал, да не може да се најде на радарот или да се изгуби од воздушниот простор, а се наоѓа над Скопје, тогаш ќе се крене грчки воен авион да види што се случува, објаснува Варвициотис.
За производите, трговските ознаки и брендот Македонија, алтернативниот министер за надворешни работи на Грција вели дека претходната Влада, една година не направила ништо „за да ги поддржи македонските производи и не инвестирала воопшто во брендот Македонија“, а сега тие треба да најдат решение за бизнисмените од северна Грција, со цел нивните „македонски производи да се наоѓаат на полиците во целиот свет“.
Говорејќи за Солун и за северна Грција, алтернативниот шеф на грчката дипломатија вели дека неговата мајка потекнувала од грчката Македонија, додавајќи дека се чувствува оти „во неговите вени тече крв на Македонец“, изјава што воедно е и насловот на интервјуто за солунскиот информативен портал „GRTimes“.