Грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас денеска пристигна во Турција за да им понуди поддршка на жителите погодени од разорниот земјотрес пред седум дена, соопшти грчкото Министерство.
Дендиас се сретна со турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу пред да се качат на хеликоптери за областите погодени од земјотресот, пренесува АФП.
Неговото пристигнување е прва посета на европски министер на Турција, по земјотресот што ги погоди Турција и Сирија.
„Би сакал да му пренесам на турското раководство и народот сочувството од Владата и целиот грчки народ за загубите по двата разорни земјотреси“, рече Дендиас.
Двајцата министри патуваат за Антакија, каде грчките спасувачи помагаат во операциите за пребарување и спасување. Министерството најави дека тој ќе ги посети и членовите на грчката хуманитарна мисија во земјава.
И покрај вековното ривалство со Турција, Грција беше меѓу првите европски земји што испрати спасувачи и хуманитарна помош, неколку часа по катастрофата.