Провокација, за грчките медиуми, е вчерашната изјава на македонскиот премиер Зоран Заев, кој препорача да се отвори и грчкиот Устав „за се види како Грција води грижа за Грците надвор од земјата“.
Новинарите кај јужниот сосед, како што јави дописникот на МИА од Атина, генерално го пренесуваат текстот објавен од грчката новинска агенција АНА-МПА, но под различни наслови.
„Провокација од Заев: И Грција да го отвори нејзиниот Устав“; „Заев: Промената на Уставот не е решение, го решивме иредентизмот“; „Провоцира Заев: Ненадејно поставува прашање за споредба на грчкиот со скопскиот Устав“; „Предлог од Заев за меѓународен договор наместо промена на Уставот на ПЈРМ- отвора прашање и за грчкиот Устав“; „Заев: Да го отвориме и Уставот на Грција“, се само дел од насловите во грчките медиуми.
Единствено, онлајн изданието на весникот „Прото тема“ излезе со анализа по вчерашните изјави на премиерот Заев, упатувајќи остри критики до македонската страна дека сѐ повеќе зацврстува одредени позиции и „одбива непреведено име, промена на Уставот, промена на името за внатрешна употреба итн“.
– Да се отвори прашање и за грчкиот Устав, беше неверојатната провокација од Заев. Не отстапуваат, негираат каква било промена на нивниот Устав, повторно во игра го враќаат Метју Нимиц и ја очекуваат посетата на Никос Коѕијас во втората половина на март – објави весникот и коментира дека почетната клима на еуфорија сега е заменета со мудрост, а пресвртна точка била средбата на шефовите на дипломатиите на двете земји минатиот месец во Виена.
Основното несогласување на двајцата министри беше прашањето за Уставот, но и фактот дека Скопје ја обвинува Атина за „грабнување на кормилото“ за време на целиот процес, наведува „Прото тема“, додавајќи дека македонската страна сметала дека Никос Коѕијас, се појавува како „водич на целиот процес“.
Грчките медиуми ја пренесоа и веста дека Зоран Заев имал телефонски разговор со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.