Новата трилатерална средба на 12 мај во Атина меѓу Никола Димитров, Никос Коѕиас и Метју Нимиц, изјавите на шефовите на двете дипломатии и можноста за средба меѓу Зоран Заев и Алексис Ципрас во Софија, беа во фокусот на грчките новинари во текстовите за вчерашните активности во Солун, во рамките на третиот министерски состанок на Македонија, Албанија, Бугарија и домаќинот Грција.
Весникот Катимерини ја пренесува изјавата на шефот на грчката дипломатија дека Атина направила отстапки и дека сега е Македонија на ред да ги направи нејзините отстапки, но и дека не ја исклучи можноста за нова средба на премиерите на двете земји.
„Практично, доколку разговорите во Атина донесат резултат, една веројатна можност за средба на господата Алексис Ципрас и Зоран Заев е онаа на 16 мај на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, што ќе се одржи во Софија“, пишува весникот.
Телевизијата „Скај“ на официјалниот сајт пишува дека на средбата Димитров и Коѕиас разговарале за варијантите на решенија за прашањата за кои постојат разлики.
„Двајцата министри избегнаа да појаснат кои алтернативни сценарија се најдоа на масата ниту пак како соодветно ќе се обликува временската рамка за имплементирање на можниот договор“, пишува „Скај“.
Грчка Та Неа пишува за средбата меѓу Коѕиас и Димитров на 12 мај во Атина.
„Никос Коѕиас и Никола Димитров ќе се сретнат во Атина заедно со специјалниот претставник на Генералниот секретар на ОН, за да ги разгледаат следните чекори во рамките на процесот на преговори за името што е во тек, пишува весникот.