Грчката претседателка свика лидерска средба по барањето за нови избори

by Fokus
Foto: getty

Претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу за денес закажа средба во претседателската палата, откако ги додели трите мандати за формирање Влада и ниту една од партиите не успеа да го обезбеди потребното мнозинство, јави МИА.

Процедурите предвидени со Уставот се движат со забрзан ритам откако лидерот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис, која победи на изборите, рече дека бара нови избори.

Сакеларопулу на одделни средби ги прими лидерите на трите партии што освоија најголем број гласови на изборите во неделата и им ги додели мандатите за формирање Влада, но никој од нив нема потребното мнозинство од 151 пратеник.

Во понеделникот мандатот го доби лидерот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис, откако партијата победи на изборите со над четириесет отсто од гласовите и доби 146 пратеници. На Мицотакис, кој е актуелен премиер на Грција, за да состави еднопартиска Влада му недостигаат уште пет пратенички места. Неколку часа откако го примимандатот за нова влада, тој ѝ го врати на Сакеларопулу.

Претседателската палата на одвоени средби вчера ја посетија лидерите на СИРИЗА Алексис Ципрас и на ПАСОК- Движење на промена Никос Андрулакис, кои воопшто не го ни примија  мандатот велејќи дека немаат можност за формирање Влада.

Со доделувањето и на третиот мандат се затвори циклусот на мандати за првите три партии.

Денешната лидерска средба е во рамките на одредбите предвидени со Уставот и е уште еден, последен обид за формирање Влада со широко мнозинство, што во конкретниот случај ќе биде само формално, за да се запазат процедурите.

Понатаму следи и формирање службена Влада која ќе има една и единствена обврска, да ја одведе земјата на изборите, кои Мицотакис побара да се одржат на 25 јуни.

Според медиумите во Грција, на позицијата премиер во службената Влада ќе дојде еден од претседателите на трите врховни судови, а веројатно тоа ќе биде претседателот на Ревизорскиот суд Јоанис Салмас.

Паралелно новиот парламентарен состав што произлезе од изборите, в недела на 28 мај, место на први јуни ќе одржи седница, ќе положи свечена заклетва, а ден подоцна да се распушти во пресрет на новиот изборен процес.

Поврзани новости