Договорот од Преспа, неговата целосна и доследна имплементација, можностите за продлабочување на билатералната соработка беа темите на кои се осврнаа претседателите на Македонија и на Грција, Стево Пенадровски и Катерина Сакеларопулу во Претседателската палата во Атина.
Двајцата претседатели ја истакнаа важноста на официјалната посета со оглед на тоа дека станува збор за прва на највисоко државно ниво, јави дописничката на МИА од Атина.
Претседателот Пендаровски откри дека доаѓајќи кон Атина дознал дека двете комисии кои произлегуваат од Договорот од Преспа имаат договорена следна средба.
– Вашата посета е прва официјална посета на претседател на Република Северна Македонија во мојата земја. Па така добива особена важност и симболика за односите меѓу нашите земји, рече грчката претседателка.
Сакеларопулу ја истакна важноста што Грција ја дава „за зајакнување на билатералните односи и за европската перспектива на Северна Македонија“.
– Ќе се согласите дека целосно, доследно и со добра волја применување на Договорот од Преспа е клучно за постигнување на овие две цели. Веќе поминаа две и пол години откако Договорот од Преспа стапи во сила. Препознаваме дека од страна на Северна Македонија се направени позитивни чекори, но сепак постојат доста нерешени прашања. Затворањето на овие отворени прашања ќе овозможи понатамошен развој на нашата соработка, рече Сакеларопулу и додаде дека од грчка страна ги разгледуваат сите аспекти на билатералната соработка.