Грчката полиција идентификувала пет од 13 лица кои упаднаа во галеријата во солунската општина Каламариа и го повикаа македонскиот уметник Сергеј Андреевски да ја прекине изложбата. Тие со маски на лицата, капи и качулки пред околу две недели упаднаа во уметничката галерија.
Грчката полиција од Одделот за борба со расистичко насилство идентификувала четворица грчки државјани на возраст од 19, 20, 23 и 24 години и една странска државјанка на возраст од 22 години, јави дописникот на МИА.
„Против нив е покренат предмет за недозволено насилство, кривично дело со расистички карактеристики и за поттикнување на извршување кривични дела, дела на насилство или раздор против лице врз основа на национално потекло“, објави грчката полиција.
Полицијата соопшти дека ќе продолжи со истрагата за идентификација на останатите осуммина кои со скриен идентитет упаднаа во галеријата.
Група членови на „Златна зора“, која со судска одлука од 2020 година е прогласена за криминална организација, со маски на лицата и качулки на 26 април упаднаа во галеријата на солунската општина Каламариа каде што во тек беше изложбата на ликовниот уметник Сергеј Андреевски.