Лидерот на најголемата грчка опозициска социјалистичка партија ПАСОК, Никос Андрулакис, денеска изјави дека партијата ќе поднесе барање за недоверба на владата на премиерот Киријакос Мицотакис поради железничката несреќа во која пред две години загинаа 57 лица.
Предлогот да го поднесе ПАСОК го поддржуваат и другите опозициски партии, кои тврдат дека владата на Мицотакис го загубила народниот мандат, пренесува Ројтерс.
Опозицијата, исто така, ја обвинува владата дека не ја презема одговорноста за несреќата или не ги решава безбедносните пропусти што доведоа до најголемата железничка катастрофа во земјата.
Владата, која има 156 пратеници во парламентот од вкупно 300 места, се очекува да го преживее предлогот на опозицијата, наведува Ројтерс.
Мицотакис вчера негираше дека владата го одложува судењето за железничката несреќа во Темпи во 2023 година, што исто така предизвика масовни протести.
Во февруари 2023 година, два воза се судрија во долината Темпи, при што загинаа 57 луѓе, а неодамна објавените аудио снимки покажаа дека околу 30 луѓе го преживеале судирот, но подоцна починале од задушување или изгореници.
Резултатите од истрагата, објавени на крајот на февруари годинава, покажаа дека во пожарот загинале седум лица.