Три компании, односно конзорциуми доставиле понуди во рамки на владиниот тендер за избор на нов универзален снабдувач, кој во период од 5 години, почнувајќи од средината на оваа 2024 година, треба да ги снабдува со електрична енергија малите потрошувачи, како и осумстотини илјади домаќинства.
Според информации од Владата, во дефинираниот рок пристигнале понуди од државната „АД ЕСМ“, односно од нејзината фирма-ќерка „ЕСМ Продажба“, потоа од „ЕВН Македонија Еелектроснабдување“(носител) и „ЕВН Македонија АД“ (член на група), која ја врши дејноста на универзално снабдување во изминативе 5 години, како и од групација на „ЕДС“ и „Пан Интертрејд“.
Повикувајќи се на Стручната комисија што го реализира овој тендер, од Илинденска соопштија дека „ЕСМ“ и „ЕВН“ понудиле идентична бруто-маржа од 11,4 проценти, додека во понудата на „ЕДС“ бруто-маржата изнесува 11,45 проценти, што значи дека правните субјекти што ќе ја минат фазата на евалуација и ќе добијат покана за електронска аукција ќе се наддаваат од овие стартни позиции.
„После евалуацијата на економско-финансиската и на техничката способност на понудувачите, економските оператори чии понуди ги исполнуваат условите согласно критериумите наведени во тендерската документација ќе бидат поканети да учествуваат на негативно наддавање преку електронска аукција, пришто како почетна вредност ќе се земе најниската од понудените маржи на економските оператори“, посочуваат од Владата.
Од таму додаваат дека при отворањето на понудите, присутни биле и овластени претставници на дел од економските оператори кои имаа доставено понуди, кои немале никакви забелешки за процесот на отворање на понудите. Понудувачот кој на електронската аукција ќе понуди најниска маржа, како што истакнуваат, ќе биде поканет да го потпише договорот за универзален снабдувач со електрична енергија.
„Постапката треба да се заврши во рок од 6 месеци од денот на објавувањето во Службен Весник на одлуката на Владата за отпочнување на постапката за избор на универзален снабдувач на електрична енергија, која е објавена на 20.10.2023 година. Комисијата ќе настојува да ја заврши евалуацијата во текот на наредната недела, по што ќе следи јавно наддавање кое би се случило до крајот на овој месец“, појаснуваат од Илинденска.
УСЛОВИ И КРИТЕРИУМИ
Инаку, на крајот на ланската 2023 година беше објавен јавен повик за доделување на договор за снабдувач со електрична енергија, кој е е должен да врши снабдување на домаќинствата и малите потрошувачи кои се наоѓаат на подрачјето на кое има обврска да обезбеди универзална услуга и кои избрале да бидат снабдувани од него во согласност со обврските утврдени со правилата за снабдување.
Меѓу другото, тендерската документација предвидува повеќе критериуми во поглед на техничка или професионална способност за заинтересираните економски оператори да може да се квалификуваат како способни за извршување на предметниот договорот. Во таа насока, тие треба располагаат со систем за заштита на податоците и сајбер-безбедност на потрошувачите, со систем за фактурирање и наплата, со систем за услуги и со систем за планирање и набавка на струја.
Меѓутоа, пропишани се и повеќе минимални услови во делот на економска и финансиска состојба, каде се наведува дека тие треба да имаат инструменти за обезбедување на плаќањата кон операторите од кои набавиле електрична енергија. Воедно, мора да имаат остварена добивка во последните 3 години, во истиот 3-годишен период да имаат позитивен збирен износ на капитал и резерви, како и да имаат и работен капитал во износ од најмалку 40 милиони евра.
Оттука, право на учество на јавниот повик имаат „сите физички и правни лица кои се регистрирани за вршење на дејност снабдување со електрична енергија во период од најмалку 2 години“, меѓутоа тие истовремено треба да исполнуваат низа критериуми како во делот на техничката способност, така и во делот на економското и финансиското работење. Сепак, се остава можност понудувачите да се здружуваат и да соработуваат со цел да ги исполнат условите.
Имено, право да достави понуда има и група на понудувачи, со тоа што владата како договорен орган ќе бара од групата да се здружи во посебна правна форма доколку истата биде избрана за носител на набавката. Составен дел од групната понуда треба да биде и договор за поднесување групна понуда со кој членовите во групата економски оператори меѓусебно и кон владата се обврзуваат за извршување на договорот.
Патем, овој договор потребно е да содржи податоци за членот на групата кој ќе биде носител, односно кој ќе ја поднесе понудата и ќе ја застапува групата, за членот на групата кој ќе го потпише договорот, за членот на групата кој ќе ја обезбеди гаранцијата на понудата во форма на банкарска гаранција. Сите членови на групата се поединечно и солидарно одговорни пред владата за извршување на своите обврски.
ТЕХНИЧКИ ДИЈАЛОГ
Токму во однос на овие услови се водел и дијалог меѓу владината комисија за спроведување на тендерската постапка и заинтересираните учесници, при што прашањата најмногу се однесувале на начинот на кој може да се користи поддршка од други субјекти. Така, еден од нив прашал дали мајка-компанија што поседува 100 отсто од акциите на економскиот оператор со лиценца за снабдување на електрична енергија во земјава може да даде поддршка во делот на економската и финансиската состојба?
Во однос на тоа, владата одговорила потврдно, посочувајќи дека „исполнувањето на миминалните критериуми за остварен збирен позитивен финансиски резултат и позитивен збирен износ на капитал и резерви во последните 3 години, како тто е наведено во тендерската документација, се однесува на економскиот оператор кој врши енергетска дејност на снабдување со електрична енергија“.
Истовремено, од таму додаваат дека поддршката меѓу два правни субјекти може да се оствари независно од правните врски меѓу нив, под услов да има валиден доказ за ставање на располагање на средствата и ресурсите, додека членот на групата што ќе се утврди како носител треба да поседува лиценца од Регулаторна комисија за енергетика или решение за упис во регистарот на странски трговци и снабдувачи со струја.
Имајќи ги во предвид одредбите од тендерската документација, прашањата на економските оператори и одговорите на владината комисија, може да се заклучи дека дозволено е други компании да го стават на располагање својот капацитет со цел заинтересиран економски оператор да се натпреварува за исклучително важниот договор за универзално снабдување, со тоа што економски оператор кој настапува како носител или предводник на групната понуда мора да има соодветна домашна лиценца.
Во тој контекст, треба да се наведе дека досегашниот универзален снабдувач „ЕВН Македонија Електроснабдување“ настапува во група или со поддршка на фирмата-мајка „ЕВН Македонија АД“, меѓутоа различен пристап одбрал друг понудувач. Станува збор за „ЕДС“ (Енерџи Деливери Солушнс), која, како што е познато, е основана од бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев, кој во 2018 година за 4,3 милиони евра ја продаде на грчката национална компанија за произвoдство на струја „Паблик Пауер Корпорејшн“ (ППЦ).
Арно ама, иако тендерските услови тоа го дозволуваат, „ЕДС“ на тендерот за универзален снабдувач на електрична енергија не настапува со поддршка на фирмата-мајка „ПЦЦ“, туку во група со компанијата „Пан Интертрејд“. За разлика од „ЕДС“, која прави голем обрт, но во последните години работи со загуба, „Пан Интертрејд“ работи во позитива. Кој стои зад оваа компанија и какви се нејзините перформанси во земјава и надвор од неа?
ПОСТАПКА ЗА ЛИКВИДАЦИЈА
Што се однесува до „ЕДС“, од самата компанија наведуваат дека e водечка македонска компанија од областа на трговија со електрична енергија на пазарот на квалификувани потрошувачи, со развиена мрежа за снабдување и искуство во набавка на струја на слободен пазар, што, според компанијата, значи дека компаниите што набавуваат струја од „ЕДС“ ќе бидат сигурни во договорената цена и квалитетот на испораката.
Но, без оглед што прави голем обрт и бележи раст, „ЕДС“ работи во загуба. Поточно, според финансиските извештаи, во 2020 година нејзините приходи изнесувале 3,6 милијарди денари, но годината ја завршила со загуба од 230 милиони денари. Во следната 2021 година, приходите изнесувале 4,2 милијарди денари, но повторно имало загуба од милијарда денари. И, во 2022 година, приходите изнесувале 6,5 милијарди денари, а загубата 66 милиони денари.
Поради тоа, „ЕДС“ не е во можност самостојно да го „лови“ тендерот за универзален снабдувач, бидејќи бележи голем обрт и работен капитал, но не го исполнува условот кој предвидува збирен позитивен финансиски резултат или добивка во последните 3 години. Затоа, на компанијата и треба поддршка, но не настапува со фирмата-мајка, односно со државната грчка „ПЦЦ“, туку со „Пан Интертрејд“, фирма со еден вработен која бележи пад на приходите низ годините.
Според Централниот регистар, оваа компанија за трговија со електрична енергија е основана во 2011 година, а нејзини сопственици се Градимир Панчиќ и Стефка Аспарухова Трифонова. Таа бележи променливо работење во земјава, ако се земе во обзир дека во 2018 година имала приходи од 1,2 милијарди денари, за во 2019 и 2020 да падне на околу 4 милиони денари. Скок се бележи во 2021 година од 37 милиони денари, а во 2022 повторно има драстичен пад на незначителни 942 илјади денари, што значи дека немала никаква деловна активност.
На официјалниот сајт на компанијата стои дека е лиценциран трговец и снабдувач со електрична енергија во Македонија, која работи успешно од 2012 година и зад себе има одлични резултати во изминатиот период. Воедно, нотирала дека од 2014 година почна да работи и во Србија преку фирмата „Пан Интертрејд Србија“ и со тоа го зајакнала своето учество на балканскиот пазар на електрична енергија, бидејќи нивната декларирана цел е „сигурна, стабилна и успешна компанија која нуди најдобри пазарни услови и висок квалитет“.
Сепак, документите од српскиот трговски регистар покажуваат дека „Пан Интертрејд Србија“ е основана од друштвото „Сандтон Традинг“, за кое во 2020 година е покрената принудна постапка за ликвидација, од причина што 2 последователни години не доставила финансиски извештај. Три години подоцна, односно во текот на ланската година, и „Пан Интертрејд Србија“ покренува постапка за ликвидација од страна на управителот Бојан Митиќ. Македонската „Пан Интертрејд“, пак, немала активност, но учествува на вредниот тендер кој треба да овозможи снабдување на домаќинствата со струја во наредните 5 години.
Влатко СТОЈАНОВСКИ