Грчева за „Фокус“ објаснува: Дали во Русија се води „војна“ или „специјална операција“?

by fokus

Претседателката на Глас за Македонија, Солза Грчева во дебатна емисија пред неколку дена говореше за конфликтот во Украина, во која истакна дека таму нема војна, затоа што официјално никоја земја не објавила војна.

Во нејзиното објаснување за „Фокус“, таа вели дека изјавата е извлечена од контекст затоа што немало време за образлжение.

„Контекстот е, што разните војни кои НАТО ги иницираше и водеше во претходниот период, исто така не беа нарекувани “војна” туку „хуманитарна акција“ (како во случајот со бомбардирањето на Србија), “воена интервенција“ итн. За потсетување, ниту една од нив немаше дозвола од Советот за безбедност на ОН.

 

Исто и судирот помеѓу Русија и Украина е наречен „специјална операција“. Изигрувањето на меѓународното право кое бара “декларација на војна“ стана вообичаена пракса. Практично, во модерното војување декларацијата стана анахрона“, вели Грчева.

Зошто, според нашата соговорничка, е важно да постои таа декларација на војна во вакви моменти?

„Најмногу заради: примена на Законот за војна ( Law of war) кој е компонента во Меѓународното право за условите за започнување на војна (jus ad bellum) и начинот на водење на војната (jus in bello). Тоа истовремено ги задолжува страните во војната да го почитуваат и Меѓународното хуманитарно право, како и да ја применуваат Женевската конвенција, да речеме за односот кон заробените војници, односот кон цивилите итн.

 

За жал, денес гледаме како нацистичките формации, дел на Националната гарда на Украина, се изживуваат над цивили, на мртвите тела им цртаат свастики, сликаат убиени војници и сликите ги објавуваат, дури и ги праќаат на родителите на убиените.

 

Од друга страна, руското напредување оди по цена на огромно уништување на инфраструктурата и голема хуманитарна катастрофа која избрка милиони цивили од Украина, а оние кои останаа се кријат по подруми без основни услови за живот. Да, се работи за војна која започна како граѓанска уште во 2014 година, го заврши разговорот Грчева.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости